Кошаркарите на Индијана со победа на домашен терен ја почнаа финалната серија во Источната конференција против шампионот Мајами. Индијана славеше со 107:96 и ова е првпат во годинашниов плеј оф Индијана против некои од ривалите да поведе со 1-0, откако и претходните први дуели со Атланта и со Вашингтон ги губеше на домашен терен.
Клучната предност Индијана ја направи во финишот на првиот дел (55:45). Оваа предност домашната екипа ја одржуваше во текот на целиот втор дел. Пол Џорџ кај Индијана со 24 поени и 7 асистенции беше најефикасен, додека тандемот на центри Рој Хиберт и Дејвид Вест постигнаа по 19 поени, а вкупно шест играчи кај домашните имаа двоцифрен број поени.
Во редовите на Мајами и на натпреварот најефикасен беше Двејн Вејд со 27 поени, а Леброн Џејмс постигна 25.
Следниот натпревар овие два тима го играат во вторник навечер, додека вечерва стартува и финалето на Западната конференција меѓу Сан Антонио и Оклахома Сити.