Поранешниот кошаркар на Чикаго Булс, Стив Кер ја одби понудата на Њујорк Никс и стана нов тренер на Голден Стејт Вориорс.
Кер на тренерската позиција во Голден Стејт доаѓа на местото на Марк Џексон кој пред неколку дена доби отказ.
– Одлучив да ја прифатам понудата на Голден Стејт поради тоа што имаат млад и квалитетен тим, а пресудно за изборот на овој клуб е и локацијата, бидејќи ми одговара од приватни причини. Ми беше многу непријатно да го одбијам повикот на Фил Џексон и да бидам тренер на Њујорк, но далечината од преку три илјади милји од домот беше преголем товар за мене, изјави новиот тренер на Голден Стејт.
Кер под водство на Џексон играјќи за „биковите“ од Чикаго освои три НБА прстени. Вредноста на петгодишниот договор со новиот клуб е 25 милиони евра.