Пратеници на руската Дума побараа од Владата одлука за повлекување на Русија од натпреварувањето за песна на Евровизија, незадоволни од годинешниве резултати, а посебно од победата на претставникот на Австрија, Кончита Вурст.
Пратеникот на Комунистичката партија, Валери Рашкин потврди дека поднел формално барање до Владата за откажување од учеството на Евровизија, за што ја има поддршката на повеќе десетици пратеници од неколку партии застапени во Парламентот.
– Шокиран сум од резултатите на годинешнево музичко натпреварување на Евровизија. Да се додели победата на една „брадосана леди“ е навреда и срамота за целото човештво и вистинско самоубиство, изјави Рашкин.
Овој пратеник и неговите поддржувачи заговараат Русија да се повлече од Евровизија и наместо тоа, заедно со други земји, да формира сосема ново музичко натпреварување Евроазија.
Според Рашкин, новото музичко натпреварување би промовирало „сосема други вредности“ и тоа не би биле трансексуалноста и хомосексуалноста, како што го прави Евровизија.
Остра реакција на натпреварувањето во Копенхаген има и од познатиот руски националист и пратеник Владимир Жириновски кој победата на австриската песна ја означи како „крајот на Европа“.
– После ова што се случи (на Евровизија) нема веќе мажи и жени, туку само ова (мислејќи на Кончита)-рече Жириновски за една руска телевизиска станица.
Слично мислење има и пратеникот Олег Нилов кој смета дека „мрачните сили“ во европското жири им ја одзеле победата на сестрите близначки од Русија Толмачеви, само затоа што тие „носат плетенки, а не бради“.
Засега нема официјален став на Москва за барањето за повлекување на Русија од Евровизија, но предлогот на пратеникот Рашкин сугерира враќање на времето од пред триесетина години, во периодот на студената војна, кога во поделена Европа постоеја два музички фестивали.
На Западот се одржуваше фестивалот за песна на Евровизија, а на Истокот од Европа, во блокот комунистички земји, сојузници на тогашниот Советски Сојуз, се организираше фестивалот на Интервизија, со учество на пејачи и групи од тој дел на континентот.