Учесниците во протестниот марш под мотото „Марш на слободата – пат без враќање назад“, кои пред два дена тргнаа пешки од различни градови на Федерацијата БиХ почнаа да пристигнуваат денеска во Сараево за да побараат оставки од Владата и поефикасна борба со корупцијата.
Маршот е организиран од така наречените граѓански пленуми, формирани за време на масовните антивладини протести во Федерацијата БиХ. Демонстрантите кои се собраа пред зградата на државните институции побараа отворена седница на федералниот Парламент, на која би присуствувале членовите на граѓанските пленуми, но денеска во Владата на БиХ нема ниту еден член, а следната седница на Парламентот е закажана на 30 мај.
Демонстрантите бараат да се сретнат со владини претставници, а ако не се сретнат се заканија дека ќе влезат во зградата и таму ќе преноќат.
Пред зградата има поставено заштитна ограда, а ја обезбедуваат специјалци. Постојано расте бројот на демонстранти кои пристигнуваат од различни краишта на земјата.