Претседателот на Сојузот на Унгарците од Војводина (СВМ), Иштван Пастор, вчера бил нападнат во Будимпешта, јави белградското радио Б-92.
Пастор се движел по плоштадот „Лајош Кошут“, кога бил нападнат од група националисти предводени од поранешен пратеник во унгарскиот Парламент од редовите на екстремно десничарската партија Јоббик. – Напаѓачите, користејќи мегафон, викаа дека сум предавник, по што десетина лица тргнаа кон мене и почнаа да ме туркаат и плукаат, изјави Пастор.
– Кога човек постојано е обвинуван за предавство – во Унгарија за национално предавство, а во Србија како закана за стабилноста и како предавник на интересите на Војводина, во еден момент навистина се му доаѓа преку глава, изјави Пастор.
Унгарските официјални претставници остро го осудија нападот врз Пастор во центарот на Будимпешта, каде тој присуствуваше на конститутирањето на унгарскиот Парламент.
Вицепремиерот Жолт Шемен истакна дека „тоа е напад врз единството на унгарскиот народ“.
Српската напредна партија, исто така, го осуди нападот врз Пастор и побара унгарски органи да реагираат.
Премиерот на Војводина, Бојан Пајтиќ и Лигата на социјалдемократите во Војводина (ЛСВ) најостро го осудија нападот и изразија очекување официјалните органи на Унгарија да ги казнат виновниците.
И известувачот на Европскииот парламент за Србија, Јелко Кацин денеска најостро го осуди нападот врз Пастор во Будимпешта.
– Обидот за линчување пред зградата на Парламентот, во центарот на главниот град на една држава-членка на ЕУ, е незамислив и мора да биде санкциониран, порача Кацин во соопштението за медиумите.
Кацин истакна дека нападот на унгарските националисти врз Пастор е доказ дека е неопходна секојдневната борба за демократија и за отворено општество.