Агенцијата за млади и спорт (АМС) денеска по повод освојувањето на 3. место во Лигата на шампионите упати честитки до ракометарките на Вардар СЦБТ.
– Ми претставува огромно задоволство од името на Агенцијата за млади и спорт и од мое лично име да Ви го честитам освоеното трето место во Лигата на шампионите. Истовремено му честитам и на стручниот тим предводен од Индира Кастратовиќ, за големиот успех, со кој го испишаа името на Вардар во ракометната историја на Европа, истакнува директорот на АМС Марјан Спасески.
Воедно во честитката се посочува дека напорната работа придонесува за постигнување врвни резултати.
– Во дебитантската сезона го остваривте најголемиот успех во својата клупска историја и уште еднаш потврдивте дека само со напорна работа, посветеност и љубов кон својот клуб, можат да се постигнат одлични резултати. Со вашата игра, покажавте дека не случајно сте дел од европскиот ракометен крем и повторно го етаблиравте ракометот како спорт број еден во Македонија, се вели во честитката.
АМС се надева дека и во иднина Вардар СЦБТ ќе постигнува успеси и ќе приредува радост и задоволство на целата нација.