Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска изјави оти Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад создала „терористичка држава“.
„Режимот во Сирија сега стана терористичка држава“, изјави Ердоган на средбата со членовите на неговата Партија на правдата и развојот (АКП), додавајќи дека се повеќе се интензивираат масакрите.
Анкара имаше добри односи со режимот на Асад, но Ердоган стана еден од најголемите критичари на сирискиот претседател по бунтот кој почна пред 17 месеци.
Турција се обидува да се справи и со бранот бегалци од Сирија. Во моментот во Турција има околу 80.000 сириски бегалци во Турција, која бара создавање на тампон зона во Сирија. Но, таквиот предлог, засега, има слаба меѓународна поддршка.
Официјална Анкара го обвинува режимот на Асад дека доставува оружје за сепаратистите од Курдската работничка партија (ПКК).