Државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување во сите области од науката кои се од интерес за Република Македонија денеска во националното Собрание свечено им беше врачена на годинешните добитници.
На конкурсот за државната награда „Гоце Делчев“ за 2013 година пристигнале вкупно 12 научни трудови. Избрани се „Македонија туристички бисер – туристички потенцијали и културно-историски знаменитости“ од авторите Тодор Чепреганов, Ратомир Гроздановски, Благоја Марковски и Дејан Николовски, „Learning and Ressoning in Cognitive Radio Networks“, од професорите Лилјана Гавриловска и Владимир Атанасовски и трудот „Медицинска генетика“ од др Мирјана Кочова, Гордана Илиева, Елена Шокарова Ангеловска, Светлана Кочева и Виолета Атанасовска.
Ова високо општествено признание за истакнати научни работници, на денот на одбележувањето на 111 години од смртта на најистакнатиот македонски револуционер, ја врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата и претседател на МАНУ, академик Владо Камбовски.
Честититајќи им го високото признание на добитниците тој подвлече дека највисоката државна награда за научно дело го носи името на Гоце Делчев како признание дека неговата идеја за културната и свесната акција како најсилна движечка енергија претставува трајна заложба на македонската современост. Наградата, подвлече е и синоним на стремежот на севкупниот општествен научен и културен развој да се потпира врз сопствени сили и знаења, давајќи поттик на домашната наука да се фати во костец со предизвиците на иднината.
Според академик Камбовски, Република Македонија стои пред вториот најголем предизвик од нејзиното осамостојување и независност од 1991 година – да се интегрира во европскиот простор на знаење, образование, наука и истражување и економски развој, кои, како што рече, се доминантна цивилизациска одлика на современото општество.
– Таа може да биде просперитетна држава, а македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во неа ги губат перспективите на забрзан, мултикултурен развој во кој напредокот на секој од нив е придобивка и за напредокот на другите ако не се подготвува за големиот подвиг – влезот во информатичкото демократско и хумано општество засновано врз целосно уважување на основните човекови слободи и права и нивната еднаквост. Тој нужен подвиг е соочен со поголеми и подруги тешкотии од оние пред кои стоеја Гоце и неговите современици, зашто културата, науката и знаењето стануваат битна компонента на возобновен идентитет кој се помалку се легитимира со минатото или со политичката историја, а се повеќе со способноста за пресоздавање на сопствената иднина врз универзалната хуманистичка визија, порача Камбовски.
На доделувањето присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој изрази задоволство од фактот што Комисијата во рамки на Министерството за образование и наука, предводена од академик Камбовски, која што ги утврдуваше сите трудови за постигнувањата во науката, денеска ќе ги додели трите признанија на носителите на државната награда и тоа во областа на здравството, во општествените науки и во областа на технолошко-техничките науки.
– За мене тоа претставува дополнителна потврда како министер за образование, во интерес на државата дека науката е оној двигател, кој што може да го обезбеди целокупниот раст и развој на Македонија во следниот период, посебно со особен фокус на развојот на научно-истражувачките дејности во делот на иновациите, рече Ристовски.
Од име на добитниците на престижната награда се обрати др. Мирјана Кочова.
– Да се напише научен труд, кој ќе биде меѓународно препознаен е тешка и многу ентузијастичка работа, која бара многу услови да бидат исполнети. Најпрвин полето на авторот во кое што работи, сознанијата во меѓународно објавената литература, неговата оригиналност и истрајност, но исто така и многу услови во средината во која работи – институцијата во која работи, акдемската сфера, тимот со кој соработува и особено поддршката од семејството, рече Кочова.
Таа од име на нејзниот медицински тим изјави дека паричните средства од наградата ќе ги вложат во набавка на литература од медицинската генетика за Клиниката за детски болести за да поттикне интерес кај младите лекари за оваа научна област.
Наградата се состои во паричен дел од пет просечни плати по награден труд и статуетка со ликот на Гоце Делчев која годинава прв пат се доделува.