Единствената специјализирана продавница за стрипови во Македонија, сопственост на браќата Владимир и Јован Битољану, е овогодинешен добитник на Признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија, именувано според прерано починатиот доајен Љупчо Филипов.
Доделувањето на ова признание е составен дел од активностите на традиционалниот мегународен стрип салон кој што се одржува во средината на октомври во Велес.
Стрип центар на Македонија-Велес како организатор на манифестацијаta, ова признание го наменува за заслужни домашни дејци за развојот и афирмацијата на 9-та уметност кај нас.
Досегашни добитници на ова признание се: Миле Топуз-автор, Диме Иванов-Димано автор, Александар Сотировски-автор, Ване Трајков – промотер, поранешната групација „Тајфа Арт“ – млади автори и промотери, Томислав Османли – сценарист и хроничар, Дарко Марковиќ – автор, Киро Донев – долгогодишен уредник на списанието „НАШ СВЕТ“, редакцијата „Детска радост“ за своите сегашни и поранешни стрип изданија и Оливер Ромевски – стрип сценарист и промотер.
Просторот којшто се наоѓа во Скопје, во кулите спроти „РАМСТОР“ за неполни 3 години стана култно збиралиште на љубителите на стрипот, пасионирани читачи, автори и колекционери. Се располага со повеќе од 5.000 изданија, претежно од балканските простори, македонските автори и изданија се достојно застапени (започнаа да се организираат и нивни промоции), а нереализирана идеја е отворање на антикварниот оддел за стари стрипови.
Освен доделување на ова Годишно признание Стрип центарot на Македонија со седиште во Велес продолжува со подготовки и на другите сегменти на овогодинешниот 12-ти по ред Стрип салон.
Според организациониот тим, во моментов се дефинира финансиската конструкција, се вршат контакти со потенцијални странски и домашни гости, а во тек е мегународниот стрип конкурс.
А.Б.