Скопскиот џез фестивал ќе биде дел од глобалната прослава на Меѓународниот ден на џезот којшто под покровителство на УНЕСКО се одбележува на 30 април (среда), со настан во МКЦ Клуб и ресторан во Скопје.
Прославата ќе започне во 20 часот со проекција на документарниот филм за животот на легендата на џез пијанизмот Телониус Монк, “Straight, no Chaser” од 1988 година. Филмот вклучува снимки од живи изведби и фотографии од Монк и неговиот бенд, како и интервјуа со пријатели и роднини кои раскажуваат за животот на ексцентричниот генијалец.
Настанот ќе продолжи со концерт на реномирани македонски џез музичари и групи, меѓу кои: Тони Китановски Трио, Летечки пекинезери, Марија џез дуо, Џезобел квинтет, како и двата бенда составени од студенти и професори на одделот за џез при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Ансамблот перкусии и Квартетот на Гоце Мицанов. Вечерта ќе биде заокружена со џем сешн. Влезот е слободен.
Меѓународниот ден на џезот е настан кој секоја година се одбележува на 30 април и чија цел е зближување на заедниците, уметниците, училиштата, историчарите, академиците и џез ентузијастите од целиот свет во заедничко славање на џез музиката, нејзините корени и нејзината иднина. Овој настан промовира подигнување на свеста за потребата од меѓукултурниот дијалог и меѓусебно разбирање, а негова цел е да ги зајакне меѓународната соработка и комуникација.
Секоја година на 30 април, оваа меѓународна уметничка форма промовира мир, дијалог, разноликост, и почитување на човековите права и човековото достоинство, искоренување на дискриминацијата, унапредување на слободата на изразување, поттикнување на родова еднаквост и зајакнување на улогата на младите во донесувањето на социјални промени.
Покровител на настанот е Амбасадор на добра волја и интеркултурен дијалог на УНЕСКО и Претседател на Институтот „Телониус Монк“, џез легендата Херби Хенкок.
Инаку, оваа година град-домаќин на официјалната прослава е Осака во Јапонија, каде ќе се одржи големиот концерт со учество на најголемите светски џез имиња меѓу кои и Кени Герет, Маркус Милер, Џон Скофилд, Вејн Шортер, Есперанца Спалдинг, Грегори Портер и многу други меѓународно афирмирани артисти, кој ќе биде пренесуван во живо на официјалната интернет страница www.jazzday.com.
A.Б.