Кошаркарите на Цибона направија изненадување со победата во полуфиналето над Црвена ѕвезда и со тоа се пласираа во финалето на АБА лигата.
Тие синоќа во „Комбанк Арена“ во Белград го совладаа фаворитот Црвена ѕвезда со 75:70 (21:15, 17:12, 23:18, 14:25). Со победата во полуфиналето Цибона обезбеди пласман во Евролигата за следната сезона.
Победничката екипа беше предводена од плејмејкерот Џералд Блесингејм, кој постигна 28 поени, а имаше и девет асистенции. Со 21 поен се истакна и хрватскиот репрезентативец Дарио Шариќ.
Кај „црвено-белите“ најефикасен беше Јака Блажич со 25 поени. Црвена Звезда беше најдобро пласирана екипа во регуларниот дел од сезоната, а полуфиналето на „фајнл форот“ го одигра со катастрофален шут од игра 2 од 32 за три поени и 11 промашени слободни (26 од 37).
Во второто полуфинале вечерва од 20 часот играат Партизан и Цедевита, а победникот в недела ќе игра против Цибона.