Фергусон ја поддржал смената на Мојс

Од:

Поранешниот долгогодишен тренер на „Манчестер Јунајтед“ Алекс Фергусон кој остана да работи во управата на клубот и по пензионирањето, дал поддршка за решението за смена на неговиот наследник Дејвид Мојс, пишуваат лондонските весници.

Ваквото решение на Фергусон уследило по силното незадоволство на американското семејство Глејзер, кое е сопственик на клубот. Газдите биле револтирани од лошо направената транзиција во клубот по повлекувањето на Фергусон, иако тој го имал одлучувачкиот збор при изборот на новиот тренер.

Според „Тајмс“ согласноста на Фергусон да се тргне Мојс, само десет месеци по поставувањето на менаџерската функција, ја потврдува неговата сериозна погрешна проценка при одлучувањето кој ќе го води тимот.

За лондонски „Гардијан“ останува неразбирливо, зашто сер Алекс, како што го нарекуваат прославениот тренер, по одликувањето и титулата која му е доделена, се определи за Мојс, дотогаш тренер на еден „помал“ клуб како Евертон, а не за еден Жозе Мурињо кој во тоа време беше слободен за преговори.

Раководството на Манчестер Јунајтед одбива да ги коментира реакциите на медиумите, па наместо тоа одлучи, Фергусон да биде активно вклучен и при определувањето на идниот нов менаџер. Тој ќе дојде на тоа место, откако Рајан Гигс и Пол Сколс, како привремени тренери ќе се обидат да ја завршат оваа фудбалска сезона, без притоа уште повеќе да се наруши угледот на најтрофејниот англиски клуб.

Лондонските медиуми уште сега почнаа со лицитирањето на кандидатите, а на таа листа на најпосакуваните се Луис Ван Гал кој сега ја води холандската репрезентација, Диего Симеоне, Карло Анчелоти и Пеп Гвардиола. Засега е познато дека само Гвардиола порачал оти неговото име не треба да се меша при размислувањето за новиот тренер на Манчестер Јунајтед, додека Ван Гал не сака за тоа да зборува, до завршувањето на Светското првенство во Бразил. Холанѓанецот кој во своето работно досие ги има и Ајакс,Барселона и Баерн, претходно се споменуваше како сигурен кандидат за лондонски Тотенхем, а англиските фудбалски коментатори веруваат дека тој трансфер е посигурен од оној во Јунајтед.

Додека во Манчестер веќе се трага по нов менаџер, не се малку оние во Англија кој го бранат Мојс, инсистирајќи дека не му е дадено ниту време, ниту можност за вистинска работа. Критичарите на одлуката за неговото сменување велат дека од него се барало да продолжи таму каде застана Фергусон, без притоа да има време да создаде нов тим, да се ослободи од товарот на повеќе стари играчи од кои сер Алекс не сакаше да се раздели и да изгради нова игра, која се покажува дека му е неопходна на клубот.

Фудбалот, меѓутоа, од поодамна не е само спорт, туку и голем бизнис, па одлуката за сменување на Мојс е донесена поради загубените пари. Манчестер нема да учествува во Лигата на шампионите, што претставува финансиска загуба, а прашање е дали ќе се приклучи и во Лигата на Европа. Податоците од њујоршката берза покажуваат дека само поради последните бранувања во клубот, е претрпена загуба од преку 200 милиони долари, поради падот на вредноста на неговите акции.

Би можело да ве интересира

Саутгејт си поднесе оставка

ВИДЕО: Шпанија рекорден четврти пат е европски фудбалски шампион

Саутгејт останува англиски селектор

Ана Ололовска

Саутгејт сака да остане селектор на Англија

Ана Ололовска

ВИДЕО: Англија лесно го мина Сенегал и закажа четвртфинале против Франција

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Нотингем го исфрли носителот на титулата Лестер од ФА купот, навивачите сакаа да ги тепаат

Ана Ололовска