Поништените општи избори од 2 февруари годинава ќе се повторат, најверојатно, во јули, или, најдоцна, во септември годинава.
Ова денеска на претставниоци на 53 политички партии им го соопштија претставниците на централната изборна комисија на Тајланд, кои информираа дека конечната одлука за датумот ќе биде донесена со Указ на кралот.
На состанокот со централната изборна комисија не присуствувал водачот на опозицијата, поранешниот премиер Абхисит Веџајива. Според неговата Демократска партија тој не дошол поради страв за личната безбедност, но повеќето од партиите учесници на собирот изјавија дека Веџајива немал храброст да се соочи со обвинувањата дека неговата партија е главниот виновник за неуспешните избори и нередите што го зафатија Тајланд.
На чело на извршната власт во Тајланд останува премиерката Шинаватра. Според опозицијата, нејзиното повлекување од политиката би донело политичка стабилност во Тајланд, но малку кој верува дека тоа ќе се случи.