Екипата на Челзи се соочува со големи проблеми во финишот на сезоната откако на синоќешниот натпревар од полуфиналето од Лигата на шампионите со Атлетико Мадрид се повредија голманот Петр Чех и капитенот Џон Тери.
Во 18-та минута во обид да ја спаси својата мрежа голманот Чех лошо падна и го повреди рамото, па Жозе Мурињо мораше да изврши измена.
Слично беше и во 73. минута. Тери лошо згазна и го повреди скочниот зглоб и потоа ја напушти играта во придружба на лекарскиот тим. Повторно Мурињо правеше принудна измена.
По натпреварот Мурињо даде изјава за повредените играчи.
– За Чех сезоната е завршена, додека за Тери ќе мора да се избориме за финале во Лигата на шампионите, за тој да може евентуално да игра, рече тренерот на Челзи.
„Сините“ од Лондон в недела имаат дерби натпревар во Премиер лигата во борба за шампионската титула против Ливерпул на гости, а во среда (30 април) го играат и реваншот од Лигата на шампионите со Атлетико Мадрид (првиот натпревар заврши 0:0).