Најбараниот бегалец во светот, Едвард Сноуден денеска лично му постави прашање на рускиот претседател Владимир Путин во текот на неговото телевизиското обраќање до нацијата.
Сноуден преку видео линк го праша Путин дали Русија ги прислушува комуникациите на своите граѓани, што Путин категорично го негираше.
– Руските разузнавачки агенции користат специјални техники да ги прислушуваат телефонските разговори и да шпионираат поединци само по претходно добиена наредба од судот, одговори Путин.
Тој потенцира дека не постои неконтролирано следење на комуникациите на руските граѓани, како што има во САД, пренесе „Раша тудеј“.
– Таков е нашиот закон и од тие причини нема масовно шпионирање во нашата земја, нагласи рускиот претседател.
Западните медиуми оценуваат дека не е јасно дали Сноуден му се обратил на Путин со вклучување во живо или бил емитуван претходно снимен видео материјал со неговото прашање.