Сузан Бајзовиц, кандидатка за сенатор од американската сојузна држава Конектикат, во рамките на својата кампања подготвила документ за тоа како, доколку биде избрана, ќе ги застапува грчките интереси во Сенатот.
Бајзовиц, која е Гркинка, во овој документ посветува голем простор на Македонија, велејќи дека како сенатор ќе работи за блокирање на македонското членство во НАТО.
Силно верувам дека САД треба да ја поддржат Грција во преговорите со Скопје за да се изнајде прифатливо име за поранешната југословенска Република Македонија. Како американски сенатор, ќе работам со Стејт департментот да обезбедам американските дипломати да вршат притисок врз дипломатите во Скопје да преговараат со добра волја. Лично ќе се сретнам со раководството на ПЈРМ да пренесам дека американскиот Сенат смета оти е важно да преговараат со Грција со добра волја. Ќе обезбедам извршната власт да продолжи со позицијата дека ПЈРМ не може да влезе во НАТО додека овој спор не се разреши, пишува во документот што го промовира кандидатката Бајзовиц.
Меѓу другите мерки, таа предвидува прекинување на американската помош за, како што пишува, ПЈРМ, додека Македонија не докаже дека преговара со Грција со добра волја. Од кампањата на Бајзовиц не одговорија на прашањата за овој документ, за навредливото именување на Република Македонија во него, како и за тоа дали обврската за водење на разговорите за името паѓа само на Македонија или и на Грција. Џонатан Дукоте, одговорниот за контакти со медиумите во изборнио штаб на Бајзовиц, не одговори на прашањата.
Инаку, во текстот на ниту едно место не се спомнува финансиската криза во Грција, но се содржани залагања за статусот на патријаршијата во Истанбул, или признавањето на протерувањето на Грците од денешна Турција како геноцид.
Бајзовиц, од Демократската партија, се натпреварува за сенаторското место на истакнатиот Џозеф Либерман, кој се повлекува од политиката. Во тек е партиската трка во рамките на Демократската партија за тоа кој ќе биде нивниот кандидат, Бајзовиц или конгресменот Кристофер Марфи. Победникот во партиските избори ќе се соочи со републиканскиот кандидат на изборите во ноември. Според моменталните проценки, Бајзовиц заостанува зад Марфи. Грчката заедница во САД е без ниту еден сенатор по најавата на сенаторката од Мејн Олимпија Сноу дека нема да се кандидира на годинашниве избори.
Грците остануваат со неколку конгресмени во Претставничкиот дом на САД, како Гас Билиракис од Флорида и Џон Сарбанес од Мериленд. Во Сенатот, интересна е трката во Њу Џерси, каде актуелниот сенатор Роберт Менендез, инаку Кубанец по потекло, важи за најсилниот преостанат поддржувач на грчките ставови во Сенатот, по повлекувањето на Олимпија Сноу. Менендез, кандидат на Демократската партија, е чест гостин на грчките заедници од Њу Џерси, и редовен потписник на сите декларации во американскиот Конгрес насочени против Македонија, или за некое друго прашање од интерес за грчката надворешна политика. Но, во годинешната трка Менендез е соочен со силен противкандидат од Републиканската партија, кој исто така се бори за гласовите на Грците од Њу Џерси. Републиканецот Џозеф Кирилос како земја на потекло го наведува Либан, но заедно со Менендез се активни во придобивање на грчките гласачи.