Западноафриканската држава Гамбија соопшти дека се повлекува од Комонвелтот, по 48 години членство во оваа организација. Одлуката за повлекувањето ја соопшти државната телевизија, без да ги наведе причините за ваквото решение на властите.
Заедницата на секои две години одржува самит, а наредниот е закажан за идниот месец во главниот град на Шри Ланка, Коломбо. Овој Самит, како и претходните, ќе го отвори британската кралица Елизабета Втора.
Британскиот Форин Офис изрази жалење поради одлуката на Гамбија да се повлече од Комонвелтот, но објасни дека секоја земја-членка самата одлучува за тоа дали ќе биде дел од оваа заедница. Официјален Лондон и Банџул подолго време имаат затегнати односи, откако пред две години претседателот на Гамбија Јахја Јамех, ја обвини Велика Британија дека ја поддржува гамбиската опозиција.
Форин Офисот, пак, ги обвини гамбиските власти за непочитување на човековите права, за противзаконско апсење и задржување во притвор, за незаконско укинување на медиумите, како и за дискриминација на малцинствата во земјата. Амнести интернешенел во август остро ја осуди Гамбија за ликвидацијата на осум затвореници.
Гамбија има помалку од два милиона жители и е опкружена со територијата на Сенегал, обезбедувајќи си мал излез на Атланскиот океан. Претседателот на Гамбија Јамех е на власт уште од 1994 година, што ја презеде со воен удар.