Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во врска со неправосилната пресуда со која се осудува претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека таа не е правосилна и дека треба да се „спушти“ топката.
– Правно не е правосилна пресуда, број еден. Значи, нешто што не е правосилно, прашање е што ќе се случи ако се оди на повисок суд, рече Пленковиќ, одговарајќи на прашањето што би значело таквата одлука за БиХ.
Пленковиќ изјави дека денеска има митинг во Бања Лука, се одржуваат говори, а политичките реакции биле малку поживописни од вообичаено, објави загрепски Јутарњи лист, истакнувајќи дека најверојатно мислел на митингот за поддршка на Додик и неговата бурна реакција на пресудата.
„Во секој случај, мислам дека треба да ја спуштиме топката, дека треба да најдеме политички и правни решенија кои ќе ја направат БиХ функционална, во кои сите три народи мора да бидат еднакви, во кои политичката одговорност за функционалноста на земјата треба да ја преземат политичките институции и партиите кои ќе добијат доверба на изборите“, рече Пленковиќ во изјавата за новинарите во Риека.