Деветтиот претседател на Турција Сулејман Демирел беше обвинет за учество во воениот удар од 1997 година со кој Армијата ја принуди турската исламистичка Влада на Неџметин Ербакан да ја отстапи власта.
Обвиненијата беа покренати пред судот во Ерзурум во Источна Турција.
Голем број високи турски воени службеници веќе се притворени во врска со воениот удар од 28 февруари познат како „постмодерен преврат“.
Судскиот процес за воениот удар почна на 2 септември. Во рамките на случајот осомничени се над 100 лица, обвинети за учество во присилното симнување на владата на Република Турција.
Во 1997 година по ултиматум група генерали ја принудија исламистичката влада на Неџметин Ербакан да поднесе оставка, без да дојде до насилства и крвопролевање. Турската армија, која се смета за чувар на секуларните принципи во Турција досега има извршено три удари од 1960 до 1980 година.
Сулејман Демирел беше претседател на Турција од мај 1993 до мај 2000 година.