Бројот на убиените во трговскиот центар во Најроби се искачи на 39, а над 150 лица се повредени, соопшти претседателот на Кенија Ухуру Кенијата во телевизиското обраќање по терористичкиот чин, за кој одговорноста ја презеде групата Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда.
Потсетувајќи дека Кенија и претходно преживувала терористички напади и оти против нив ќе се бори, Кенијата синоќа рече дека во нападот во „Вестгејт мол“ и самиот изгубил членови на семејството.
– Нашите безбедносни сили се обидуваат да ги оневозможат напаѓачите и да го обезбедат трговскиот центар, рече Кенијата.
-Тие сакаат да рашират страв и потиштеност ширум нашата земја, но нема да не уплашат. Тероризмот е филозофија на кукавиците. Го молам Господ да ве смири. Мојата Влада ќе ви ја пружи сета потребна поддршка во деновите кои следат, порача кенискиот претседател.
Припадниците на терористичката група Ал Шабаб се уште се во трговскиот центар, каде има уште заложници, но никој не знае колку се на број. Еден напаѓач е уапсен, кој подоцна им подлегна на повредите, а по останатите се трага. Полицијата не знае каде во центарот се кријат напаѓачите, ниту каде ги кријат заложниците.
Претходно, сомалиската група Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот и соопшти дека нема да има преговори меѓу нејзините членови и кениските безбедносни сили.
„Денес околу пладне муџахедини влегоа во Вестгејт. Тие убија над 100 кениски неверници и борбата продолжува“, напишаа исламистите преку нивниот Твитер акаунт. Групата дополнува дека Кенија многупати била предупредуванa да ги повлече војниците од Сомалија или ќе поднесе „тешки последици“. Кенија испрати свои сили во Сомалија како поддршка на локалните власти во борбата против исламистичките екстремисти.
„Кениската влада остана глува на предупредувањата и продолжи да убива невини муслимани во Сомалија, напишаа од Ал Шабаб на Твитер.
Во меѓувреме, Твитер go блокираше налогот на радикалната група Ал Шабаб, јави ДПА. Ова е третпат групата да е блокирана на Твитер. Во јануари налогот на Твитер на Ал Шабаб беше замрзнат, откако групата побликуваше снимки на француски командос кого го убиле и се заканија дека ќе егзекутираат заробени Кенијци. Претходно месецов, повторно беа блокирани поради закани против претседателот на Сомалија.