Во Битола вечер ќе биде затворен 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ со врачување на специјалните награди „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност на гостинките од Франција – кинематограферката Ањес Годар и актерката Изабел Ипер.
На свеченото затворање ќе бидат соопштени и наградените филмови кои беа во трка за „Камера 300“.
Фестивалот почна на 14 септември со премиера на македонскиот игран филм „Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов. На свеченото отворање му беше врачена „Златна камера 300“ за животно дело на шпанскиот директор на фотографија Хосе Луис Алкаин.
Под мотото „Пушти ја светлината“, ИФФК оваа година понуди 74 филмови, од кои 12 во главната натпреварувачка програма, и филмови во другите селекции: Нови визии, кратки филмови, документарци, Македонска панорама… Покрај проекции, имаше и придружна програма – креативни работилници, мастер-класови и конференции.