Информациските системи на белгиското Министерство за надворешни работи биле „пробиени“ од хакери, кои веројатно дошле до чувствителни информации, објави денеска белгискиот весник „Еко“.
Од Министерството го потврдија случајот, што се случил во почетокот на 2012 година, но не утврдиле дали станува збор за кражба на доверливи податоци.
Весникот претпоставува дека хакерите имале пристап до доверливи материјали, поврзани со белгиската надворешна политика. Министерството поднело жалба до обвинителството, кое ја води истрагата.
Засега е познато дека шпионирањето на информациските системи на Министерството траело неколку месеци и било масовно. По утврдување на нерегуларностите, безбедносните системи биле дополнително зајакнати.