Француската кинематограферка Ањес Годар пристигна во Битола

Од:

Во Битола рано утрово пристигна француската кинематограферка Ањес Годар која утревечер, на затворањето на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, ќе ја прими Специјалната награда  „Златна камера 300“.

Во 34-годишната историја на фестивалот Годар е прва жена-директор на фотографија што ќе ја добие  оваа награда која се доделува за особен придонес во светската филмска уметност.

Во хотелот „Епинал“ Годар беше пречекана од претставници на фестивалот. Утре во 10.30 во малата сала на Центарот за култура-Битола таа ќе одржи мастер-час во придружба на Најџел Волтерс, претседателот на Европската федерација на кинематографери-ИМАГО.

Годар поседува исклучителен опус од над 40 филмски наслови снимени со еминентни француски режисери, од кои особено е важен двоецот со угледната режисерка Клер Дени. Дени-Годар е еден од најплодните тандеми на две дами-уметници, и по однос на креативноста, и по однос на остварените филмски наслови.

ИФФК ги издвојува „Копилиња“ (2013), прикажан во престижната програма „Извесен поглед“ на фестивалот во Кан, и „Добра работа“ (1999), кој на Годар, покрај номинација за наградата на Европската филмска академија, и  ги донесе и наградите „Цезар“, наградата од американските филмски критичари,  Chlotrudis, која ја доби и за филмот „Петок навечер“ (2002).

Првата средба на Ањес Годар со Клер Дени била за време на снимањето на филмовите на Вим Вендерс – Дени во улога на асистентка на Вендерс, а Годар како асистентка на камера на легендарниот кинематографер Анри Алекан. Така, Годар била член на екипата на двата најпознати филма на Вендерс „Состојба на нештата“ (1982) и „Небото над Берлин“ (1987).

Како асистентка на камера, но овојпат под супервизија на кинематограферот Роби Милер, ја продолжила соработката со Вендерс и во „Париз Тексас“ (1984) и „Над облаците“ (1995). Своето драгоцено искуство Годар го градела и во асистенција на друг великан на камерата, Саша Виерни, во двата филма на британскиот режисер Питер Гринавеј „з и две нули“ (1985) и „Стомакот на архитектот“ (1987).

Меѓу насловите од самостојната кариера на кинематограферката Ањес Годар се „Дом“ (2008) на австриската режисерка  Урсула Мајер, „Сите момчиња и девојки на нивната возраст“ (1994), „Сонишниот живот на ангелите“ (1998) во режија на Ерик Зонка, и „Заскитани“ (2003) на  францускиот режисер Андре Тешине.

Ањес Годар е родена во 1951 во гратчето Дун-на-Орон, Шер, Франција. На почетокот студирала новинарство, но подоцна се префрлила на филмски студии и дипломирала на престижната париска школа ИДХЕЦ во 1980 година.

Би можело да ве интересира

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ