Лидерот на либанскиот Хезболах се состана со лидерите на палестинските милитантни фракции Хамас и Исламски џихад за да разговараат за тоа што нивната алијанса мора да направи за да постигне „вистинска победа на отпорот“, соопшти Хезболах.
Тешко вооружениот Хезболах, дел од регионалната алијанса поддржана од Иран, секојдневно разменува оган со израелските сили долж израелско-либанската граница откако изби војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
На средбата присуствуваа Сајед Хасан Насрала од Хезболах, заменик-лидерот на Хамас Салех ал-Арури и лидерот на Исламскиот џихад Зиад ал-Нахал, се наведува во соопштението на Хезболах. Не беше наведено кога се одржала средбата.
„Направена е проценка на меѓународните позиции што се заземаат и што мора да направат земјите од Оската на отпорот за да се постигне вистинска победа на отпорот во Газа и Палестина и да се запре бруталната агресија“, изјавија од Хезболах.
– Постигнат е договор за продолжување на координацијата – беше соопштено.
Хезболах во средата објави дека се убиени уште двајца негови членови, со што бројот на загинати во неговите редови од почетокот на конфликтот достигна 40 борци.