Македонските тенисери денеска со променлив успех настапија на турнирите во Србија.
Лина Ѓорческа успеа да победи во четвртфиналето на фјучрс турнирот во Врњачка Бања. Таа ја совлада Ема Полиќ од Србија со 6:3 и 6:4.
Утре во полуфиналето Македонката ќе игра против Ребека Срамкова од Словачка која со 2-0 во сетови ја победи во четвртфиналето Нина Стојановиќ од Србија.
Ѓорческа утре ќе игра и во финалето во мечот во игра на двојки заедно со Полина Лејкина откако нивните ривалки Бауер – Картоновацки од Србија го предадоа мечот без борба.
За разлика од македонската тенисерка, нашиот најдобар „рекет“ Димитар Грабул на турнирот во Суботица во четвртфиналето загуби со 2:1 во сетови од Фрањо Распудиќ од Босна и Херцеговина.
Првиот сет со 6:2 во гемови го доби Распудиќ, Грабул изедначи добивајќи го вториот сет со 6:4, а решавачкиот трет сет со 6:4 му припадна на тенисерот од БиХ.