Отворена е стечајна постапка за поранешниот гигант АД „Баргала“ – Штип што произведуваше чевли. Стечајниот управник на денешното судско рочиште во Основниот суд – Штип предложи на барање на доверителите стечајна постапка за АД „Баргала“-Штип, бидејќи сметката е блокирана, а како побарувачи се јавуваат над 50 вработени, потоа АД „Македонија осигурување“ и Комерцијална банка, а на кои побарувањата од должникот АД „Баргала“ изнесуваат над 3,5 милиони евра.
Судијата Емил Пилатов најави дека извештајот од денешното рочиште ќе се достави за три дена до странките во процесот. Стечајниот управник Пепи Панев вели дека според Законот за стечај, ќе тече рок од 45 дена за да подготви извештај. Во меѓувреме, очекува доверителите да ги пријават своите побарувања. Тој појаснува дека овој рок е од 15 дена од објавувањето на решението за отворање на стечајот.
Првично е договорен датумот 4 јули за првата средба на Советот на доверители. Советот на доверители ќе се изјасни дали компанијата може да се реорганизира или имотот ќе оди на продажба. На ова рочиште ќе се решава и дали ќе остане стечајниот управник или ќе се бара друг појаснува судијата Емил Пилатов. Познатата штипска фабрика „Баргала“ – Штип пред една деценија беше гигант и имаше околу 1.400 работници, произведуваше чевли за познати светски брендови.