26-годишниот син на наводен мафијашки бос беше убиен додека фудбалските фанови синоќа славеа во Неапол, откако Наполи го освои своето прво италијанско фудбалско првенство по 33 години. Виченцо Костанцо, кој претходно и бил познат на полицијата и имал „значајно“ криминално досие, бил убиен за време на спонтана улична забава што се одржала низ градот.
Тој е син на Маурицио Костанцo, кого истражителите го опишуваат како водечки член на неаполската мафија во Понтичели, каде што продолжува расправијата меѓу клановите. Во инцидентот се повредени уште три лица. Според полицијата, Костанцо починал во болница како последица од прострелни рани, пишува Гардијан.
Обвинителството и полицијата во Неапол истражуваат дали тој бил убиен намерно од ривалски клан или тоа било случајно пукање. Во многу градови во јужна Италија, не е невообичаено луѓето да слават пукајќи во воздух. Десетици илјади навивачи славеа цела ноќ откако Наполи ја обезбеди титулата со ремито 1-1 против Удинезе.
Во болницата се превезени повеќе од сто луѓе, меѓу кои има и лица со повреди на дланките и рацете од огномет, убодни рани и повреди од бројни тепачки. 20-годишна жена е во критична состојба откако во неа удри автомобил за време на прослава во Фратамаџоре во провинцијата Неапол. Во прославата полесно се повредени и тројца полицајци.
Префектот на Неапол, Клаудио Паломба, рече дека убиството не е поврзано со прославата. Неговото тврдење подоцна го повтори и градоначалникот на Неапол, Гаетано Манфреди.
„Оваа смрт е поврзана со динамика која нема никаква врска со прославите… Веројатно прославата била искористена за пресметка“, рече тој.