Новоизбраниот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, изјави дека неговиот став за прашањето за „геноцидот во Сребреница“ е многу јасен, како и дека ги осудува сите злосторства што се случија во Јасеновац, Пива, Велица и повтори дека независноста на Косово за него е неоспорен факт.
„Меѓународниот суд беше многу јасен и донесе одлука кога е во прашање Сребреница… Многу е важно што Меѓународниот суд некаде го индивидуализираше геноцидот во Сребреница. Мојот став во овој поглед е многу јасен, и црногорскиот парламент донесе резолуција во врска со Сребреница. Многу е важно како регион заедно да го процениме минатото кое беше тешко“, изјави Милатовиќ во интервју за Алџазира Балканс кое ќе се емитува вечерва.
Милатовиќ рече дека зборуваме за минато кое имало една Сребреница, но и еден Јасеновац, минато кое имало и во Црна Гора како големото злосторство во Пива, Велица…
-Сето тоа се работи кои јасно ги осудувам – рече Милатовиќ во најавата за вечерашното интервју.
Милатовиќ повтори дека за него независноста на Косово е неоспорен факт и дека Русија извршила агресија врз Украина.