Кенија се повлекува од членството во Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг, откако одлука за тоа донесоа пратениците на Парламентот во Најроби.
Според одлуката, чие изгласување го бојкотираше опозицијата, законот за напуштањето на Судот ќе биде донесен по итна постапка во следните 30 дена.
Одлуката за повлекување е донесена по решението на Судот да ги обвини актуелниот претседател на Кенија Ухуру Кенијата, како и потпретседателот Вилијам Руто за злосторства против човештвото.
Двајцата кениски политичари категорично ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека тие се политички мотивирани.
Руто треба да се појави на судење веќе идната недела, додека судењето на Кенијата е закажано за ноември годинава.
Тие се обвинети дека по избори во 2007 година потикнувале меѓуплеменско насилство. Во немирите што тогаш избувнаа низ земјата загинаа преку илјада лица, а околу 600.000 беа приморани да ги напуштат своите домови.
Кенијата и Руто пред шест години беа во опозиција, но за годинешниве избори тие формираа коалиција, која успеа да ги добие изборите со минимално мнозинство.
Во мај годинава, Африканската Унија го обвини Меѓународниот кривичен суд дека постои за да ги „лови Африканците“ само поради нивната раса.
Судот постои од 2002 година и досега е осуден само еден политичар, еден лидер на паравоена единица од ДР Конго. Во моментот Судот истражува седум случаи и сите се во африкански земји.
Претставник на Парламентот на Кенија изјави дека земјата ќе ги прекине сите врски со Судот во Хаг, оправдувајќи ја постапката со тоа што и САД не се дел од него, затоа што сметаат дека тој е „политички мотиворан“.
Судот во Хаг соопшти дека кениското повлекување нема да ги запре процесите против Кенијата и Руто.