Српскиот претседател Александар Вучиќ учествува на 59. Минхенска безбедносна конференција. Тој во текот на денешниот ден оствари низа билатерални средби со светски претставници, меѓу кои британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Српскиот лидер имаше средби и со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот државен секретар Ентони Блинкен. По средбата тој се обрати до медиумите и рече дека средбите биле добри и многу важни.
„Клучната тема во речиси сите разговори беа преговорите со Приштина“, рече Вучиќ, додавајќи дека смета дека добро ги застапува интересите на Србија. Новинарите го прашаа за „добрите вести“ што најави дека ќе ги објави наскоро.
Тој одговори дека поседуваат нота со која уште една земја го повлекува признавањето на Косово, но посочи дека не може да каже за која држава се работи бидејќи било договорено за официјалното објавување да се почека десетина дена.