Новиот британски крал Чарлс наскоро треба да пристигне во Лондон од Шкотска, каде што беше во замокот Балморал, во кој вчера почина неговата мајка Елизабета Втора.
Принцот Хари беше првиот член на кралското семејство кој го напушти Балморал рано утринава и се качи на лет на Бритиш ервејс на аеродромот во Абердин.
Во Лондон, кралот Чарлс Трети треба да се сретне за првпат со новата британска премиерка Лиз Трас, која во вторникот беше назначена на функцијата од кралицата Елизабета. Тоа беше нејзиниот последен службен чин.
Подоцна во текот на денот се очекува новиот британски крал да има телевизиско обраќање, во кое ќе испрати порака не само до Британија, туку и ќе се претстави пред светот.
Во меѓувреме, многу луѓе и денеска се собираат пред Бакингемската палата и другите кралски резиденции за да оддадат почит на кралицата. Властите предупредија дека се очекуваат големи гужви што предизвикуваат одложувања на дел од јавниот превоз.
– Очекуваме значителна гужва и доцнења во дел од јавниот превоз. Јавноста треба однапред да провери и соодветно да планира, се вели во соопштението од британската влада.
Пристапот до некои области, особено во центарот на Лондон, ќе биде ограничен, со затворање на патишта и пренасочување што ќе предизвика доцнење на возилата и пешаците додека траат планирањето за државниот погреб и сродните настани започнуваат, стои во соопштението.
Од граѓаните се бара цвеќето да го оставаат само во одредени области во близина на кралските резиденции во Лондон, Виндзор, Единбург, Балморал и Сандрингам.
Извор:МИА