Холивудскиот актер и режисер Бен Афлек ќе го игра Бетмен во продолжението на филмот „Човек од челик“, каде за прв пат Супермен и Темниот витез ќе се судрат, пренесуваат сите светски медиуми.
Студиото Ворнер вчера соопштило дека 41-годишниот Афлек ќе го игра повлечениот милијардер Брус Вејн, во продолжението на филмот на Зек Снајдер „Човек од челик“, кој во кино салите би требало да стигне во 2015 година и во кој Супермен го игра британскиот актер Хенри Кевил.
„Знаевме дека ни е потребен извонреден актер кој би можел да го преземе еден од најпопуларните херои на Ди-Си Комикс, и Бен Афлек совршено се вклопи во таа слика. Неговата извонредна кариера е доказ за неговиот талент и знаеме дека тој и Зек ќе му дадат нова димензија на овој лик“ – рекол претставникот на одделението на Ворнер, Грег Силверман.
Снајдер порано соопштил дека двајцата познати суперхерои ќе се судрат во продолжението на неговиот филм.