Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вчера во Прага изјави дека е сигурен оти преговорите за обновување на нуклеарниот договор со Иран наскоро би можеле успешно да завршат.
-Јасно гледам дека постои заедничка основа, дека имаме договор кој ја зема предвид, мислам, загриженоста на сите, рече шефот на дипломатијата на ЕУ на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Во тек се напори за заживување на договорот од Виена од 2015 година за ставање под контрола на иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите. Техеран инсистира на тоа дека неговите нуклеарни истражувачки активности се исклучиво за цивилна употреба.
Првиот договор беше направен во 2015 година, но пропадна неколку години подоцна за време на мандатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој унилатерално ги повлече САД од Договорот. Преговарачите на ЕУ соопштуваат дека е разработена нова верзија на договорот и дека само чекаат потврда од двете страни за неговото прифаќање.
Борел неодамна компромисните нацрти на текстот на договорот ги сподели со иранските и американските преговарачи и како разумни ги опиша одговорите што ги добил од двете страни.
-Се надевам дека во наредните денови нема да го загубиме овој поттик и дека ќе успееме да го затвориме договорот, рече Борел.
Извор: МИА