Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска преку Твитер ја повика меѓународната заедница да испрати поостар одговор, како што рече, на „рускиот нуклеарен терор“, по синоќешното гранатирање на нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата нуклеарка во Европа.
Во телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Зеленски побара да се воведат нови санкции за руската нуклеарна индустрија, а информацијата ја објави на Твитер.
Украинската државна компанија за нуклеарна енергија претходно соопшти дека еден работник во нуклеарката „Запорожје“ синоќа бил ранет во руското гранатирање на објектот.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси вчера изрази голема загриженост поради гранатирањето на „Запорожје“, предупредувајќи на опасноста од можна нуклеарна катастрофа, што може да ја загрози животната средина и јавното здравје во Украина и пошироко.
Централата во Запорожје беше окупирана од руските воени сили на почетокот на војната, но таму сè уште работат украински техничари.
Далноводот во централата пред два дена беше гранатиран и погоден, принудувајќи ги операторите да го затворат реакторот, иако не беше откриено истекување на радиоактивни материи.
Двете страни вчера меѓусебно се обвинија за „нуклеарен тероризам“. Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ ја обвини Русија за штетата, додека руското Министерство за одбрана ги обвини украинските сили за гранатирање на централата.
Извор: МИА