Водителките на главните авганистански телевизии денеска се појавија на екраните со бурка што ги покрива нивните лица, еден ден откако се спротивставија на наредбата на талибанците да го сторат тоа.
Откако се вратија на власт минатата година, талибанците повторно воведоа серија ограничувања за граѓанското општество, од кои многу се ограничувања на правата на жените.
На почетокот на мај највисокиот лидер на талибанците издаде наредба со која се бара од жените во јавноста да мора да бидат целосно покриени, што го вклучува и лицето, а за тоа идеална е традиционалната бурка.
Порано беше доволно жената да носи шал за да ја покриеш косата.
Сличен декрет важеше и за време на претходното владеење на талибанците од 1996 до 2001 година.
Авганистанскиот министер за промовирање на доблест и спречување на пороци им нареди на телевизиските водители од телевизиите TOLOnews, Ariana Television, Shamshad TV и 1TV од вчера да мора да ја почитуваат оваа наредба на лидерот на талибанците. Тие, меѓутоа, првично, вчера, одлучија да не ја извршат наредбата, излегувајќи на телевизиите без покриено лице, но денеска се премислија и носеа бурка, со која им се гледаат само очите.
Водителката на телевизијата TOLONEnews изјави дека тие се спротивставиле и се уште се против носењето бурка, но дека телевизијата била под притисок на талибанците, кои им соопштиле дека секој водител кој ќе одбие да го стори тоа, ќе треба да бара нова работа и да работи нешто друго.
Портпаролот на Министерството за доблест и спречување на пороците изјави дека властите немале намера да ги принудат водителките да ги напуштат своите работни места.
-Задоволни сме што телевизиите правилно ги исполнија своите обврски, изјави тој за француските медиуми.
Талибанците претходно наредиле жените кои работат во владата да бидат отпуштени доколку не го почитуваат новиот кодекс на облекување. Вработените мажи, исто така, можат да бидат суспендирани доколку нивните сопруги или ќерки не ги почитуваат овие наредби.
Извор: МИА