Новите видови борбени и екстровертни хероини, како Мерида или Мулан веќе некое време доминираат со детските филмови. Тие настанаа како одговор на долгата традиција на пасивни и послушни принцези како Снежана и Заспаната убавица, кои долго време беа вообичаени за цртаните филмови на Дизни.
Иако ваквото претставување на женските ликови заслужува пофалба бидејќи е обид за оддалечување од пасивното прикажување на девојките во филмовите за деца, овој приказ сугерира дека за да биде силна и независна, девојката мора да биде отворена и да има изразен карактер. За да докаже дека е храбра, хероината мора да го земе мечот и да биде спремна да се бори.
Ваквиот приказ на силните девојки занемарува цела една група девојчиња кои не можат да се идентификуваат со ниеден од овие два вида хероини. Тоа се девојчињата кои се интровертни и кои низ светот можат успешно да напредуваат користејќи ја својата внатрешна сила и способности.
Многу детски филмови преку приказот на модерната хероина ги изедначуваат самодовербата и екстровертноста. Од друга страна, детската книжевност е исполнета со тивки, паметни главни хероини, како Матилда на Роалд Дал или Алиса од земјата на чудата на Луис Керол. Секоја од овие девојки ги надминува разните препреки со помош на фантазијата, интелигенцијата и ненагласената внатрешна самодоверба. Вистина е дека е многу потешко да се претстават интровертните силни ликови на филмското платно, но во филмската адаптација на „Матилда“, режисерот се снајде совршено добро.
Воведувањето на силни женски ликови во детските филмови е одличен прв чекор, но би било уште подобро кога студијата би почнале да прикажуваат женски ликови со комплексни карактери и особини. Пред 20 години, борбените хероини сигурно би биле радикална појава, но денес тие се исто толку предвидливи колку и субмисивните принцези во раните филмови на Дизни.
Приказот на женски ликови чија интровертност и внатрешна сила ќе има херојска димензија би бил навистина радикален потег, бидејќи е потребно публиката да биде освестена за фактот дека женските ликови се исто толку комплексни колку и машките и дека тие имаат право да го претставуваат сопствениот пол на еден покомплексен начин во анимираните детски филмови.
Извор: Окно