Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, која синоќа беше уапсена на аеродромот во Подгорица, денеска е хоспитализирана во Клиничкиот центар на Црна Гора (КЦЦГ).
Директорот на Ургентниот центар во Подгорица, Небојша Брновиќ изјави дека Меденица ќе биде задржана на Интерната клиника на КЦЦГ поради метаболичко нарушување.
Меденица беше уапсена синоќа околу 22 часот на аеродромот во Голубовци од каде требало да полета за Белград. Специјалното обвинителство ја сомничи за две кривични дела, создавање на криминална организација и противзаконско влијание.
Порталот Либертас, повикувајќи се на податоци на Европол и на црногорската полиција и обвинителство објави дека синот на Меденица, Милош (35) бил вмешан во шверц на цигари и трговија со дрога.
Меденица 17 години беше на чело на Врховниот суд, до декември 2020 година кога поднесе оставка на функцијата.