Компанијата „Ел-Џи Електроникс“ го претстави првиот модел во рамките на новата Г серија, смартфонот Г2, со 5,2 инчен екран и Андроид 4.2.2 оперативен систем.
Ел-Џи Г2 доаѓа со квад-кор процесор од 2,26 Гигахерци, Фул ХД ИПС екран со 1080х1920 резолуција, меморија од 32 и 16 Гигабајти, како и две камери, од кои една од 13 мегапиксели со оптички стабилизатор на сликата и предна со 2,1 мегапиксел.
Моделот ги поместува границите на дизајнот на смартфоните, преку поставување на сите копчиња на задниот дел од телефонот, наместо од страна како досега. Ел-Џи Г2 користи и графичка РАМ технологија што ја намалува потрошувачката на енергија на екранот и до 26 отсто и истовремено го продолжува траењето на батеријата за 10 проценти.
Г2 поседува батерија од 3.000 мили Ампер часа, што е гаранција за голема издржливост и при активно користење на уредот.
Смартфонот нуди голем број практични функции како што е автоматско одговарање на повик кога ќе се доближи телефонот до увото на корисникот, управување со уредите за домашна забава или користење како универзален далечински управувач за повеќе уреди истовремено.