Претседател на пратеничката група на „Промените продолжуваат“, Андреј Ѓуров, и претседателот на собраниската комисија за буџет и фанансии во Народното собрание од партијата „Има таков народ“, Лубомир Каримански, се двајцата кандидати за нов гувернер на Бугарската народна банка (БНБ).
Како што јавува дописникот на МИА од Софија „партијата „Преродба“, која се смета за проруска партија во бугарскиот Парламент, најави дека нема да поднесе предлог за нивен кандидат за гувернер на БНБ. Тие сепак најавија дека ќе го поддржат кандидатот кој ќе се изјасни против прифаќање на еврото во Бугарија.
Ова е втора постапка за избор на гувернер на Бугарската народна банка и до неа се дојде откако во првата не беше предложен ниту еден кандидат од пратениците во 47. Народно собрание на Бугарија. Предложените кандидати мора да бидат проверени за евентуално членство во поранешните комунистички безбедносни служби, а потоа да бидат и сослушани во парламентарната комисија за буџет и финансии.
Самиот избор се одвива со директно гласање во пленарната сала. Доколку ниту еден од кандидатите не ја добие потребната поддршка, се поведува нова постапка.
Народното собрание го избира гувернерот на Бугарската народна банка, неговите заменици, како и дел од Управен одбор на банката, додека тројца претставници номинира претседателот Румен Радев. Мандатот на членовите на Управниот одбор е шест години.
Извор: МИА