Заканата за терористички напад на Ал Каеда, поради кои денеска беа затворени амбасадите на САД во земјите на Блискиот Исток и северна Африка, е најсериозна во последниве неколку години, изјави републиканскиот сенатор и член на Комисијата за разузнавање на американскиот Сенат, Сексби Чемблис.
– Ова е најсериозната закана на која сум бил сведок во последните неколку години, нагласи Чембелс во интервју за Би-Би-Си.
Тој истакна дека во исто време е регистрирана и засилена електронска комуникација меѓу осомничени терористи, што потсетува на „времето непосредно пред нападите на 11 септември 2001 година“.
Чембелс нагласи дека до разузнавачките информации кои помогнале за откривање на оваа закана е дојдено со помош на тајните програми, чие постоење го обелодени поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден.
Американскиот Стејт департмент од денеска ги затвори амбасадите и конзулатите на САД во Авганистан, Алжир, Бахреин, Бангладеш, Џибути, Египет, Израел, Ирак, Јордан, Кувајт, Либија, Мавританија, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Судан, Јемен и Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), поради добиени информации дека терористичката мрежа Ал Каеда би можела да нападне американски или западни цели на Блискиот Исток или во северна Африка.
Франција, Германија и Велика Британија исто така соопштија дека денеска и утре нема да работат ниту нивните амбасади во Јемен.