За поддршка на организациите на бугарските заедници во Албанија, Србија, Косово, Молдавија и граѓаните на Северна Македонија со бугарски идентитет, годинава се предвидени 800.000 лева, беше укажано на состанокот на Комитетот за политики за Бугарите во странство. „Парите веќе се одобрени од Народното собрание“, вели Иван Кондов, постојан секретар во МНР.
Програмата е иницирана во 2020 година од страна на Министерството за надворешни работи како пилот проект и започнува со буџет од 500.000 лева. Со него тогаш беа финансирани 30 проекти. Во 2021 година има 40 проекти, а доделената сума е 600.000 лева.
„Програмата е поврзана со зачувување на културниот идентитет, грижа за локалното бугарско наследство, проширување на опсегот на изучување на бугарскиот јазик. Тоа е вредна алатка за да се стигне до некои многу оддалечени области во Албанија, на пример. За оваа година, веројатно ќе биде многу тешко да се спроведе нешто во Украина. Но, програмата оди добро, целите се реализираат“, додаде Кондов.
Како главен проблем посочи дека секоја година парите се обезбедуваат со уредба на Советот на министри и има значително доцнење. „За 2020 година парите ги добивме на средината на годината, а за 2021 година во ноември“, додаде Кондов. Според него, МНР секоја година мака мачи да ги внесе парите во буџетот на министерството, но досега тоа не е прифатено.
Извор: МИА