Премиерот на Бугарија Кирил Петков имаше билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган на маргините на вториот Меѓународен дипломатски форум во Анталија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во фокусот на разговорот беа добрососедските односи меѓу Бугарија и Турција, како и желбата за поактивна соработка во енергетскиот сектор, во областа на економијата, инфраструктурата и одбраната.
Петков и констатираа напредокот и добра работа за време на билатералните средби на министрите за транспорт и напорите што се преземаат за олеснување на сообраќајот на граничните премини, а се разговараше за транспортното поврзување и изградбата и подобрувањето на патните врски, вклучително и помеѓу Пловдив и Истанбул.
Турскиот претседател му честиташе на бугарскиот премиер за волјата на новата Влада да се бори против корупцијата и да го реформира судството. Петков го пофали Ердоган за неговата лидерска улога во дипломатските разговори меѓу Украина и Русија.
Петков претходно учествуваше на вториот ден од Светскиот дипломатски форум во Анталија. Бугарија беше претставена и од поранешниот премиер Симеон Саксобурготски, како и поранешниот министер за надворешни работи Соломон Паси. Покрај нив, на форумот присуствуваа и лидерот на МРФ Мустафа Карадаи и европратеникот и копретседавач на АЛДЕ европските либерали Илхан Ќучук. Двајцата разговараа со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Извор: МИА