Кандидатот на опозицијата Јун Сук-Јол е избран за претседател на Јужна Кореја, а кандидатот на владејачката партија Ли Џае-мјунг го призна поразот и му честиташе на својот противник.
Откако беа преброени повеќе од 95 отсто од гласовите, Ли пред новинарите во седиштето на Демократската партија го призна поразот на изборите.
Невообичаено жестоката изборна кампања ја одбележаа скандали и клевети.
Приближно 77 отсто од 44-те милиони гласачи во Јужна Кореја излегоа на гласање за да изберат лидер на земјата чиј глобален статус расте.
Првично се пријавија вкупно 14 кандидати, но изборите се претворија во тесна трка меѓу Ли Џае-Мјунг, кандидатот на владејачката Демократска партија и Јун Сук-Јол од конзервативната главна опозициска Партија на народна моќ.
Јун ќе го наследи актуелниот претседател Мун Џае-ин, кому уставно му е забрането да бара реизбор. Единствениот петгодишен мандат започнува на 10 мај.
Извор: МИА