Откако падна последната клапа на филмот „Деца на Сонцето“, режисерот Антонио Митрикески, заедно со директорот на фотографија Јарек Шода и неговиот тим од двајца полски сниматели, и со екипата од професионалното друштво нуркачи „BOTTOM TIME“ од Охрид снимаа подводни сцени потребни за филмот.
Имено, ова е куриозитет за македонската кинематографија, бидејќи за првпат на филм се снимаат подводни сцени со актери.
Според приказната на филмот, актерите Владо Јовановски, Мето Јовановски и Билјана Танески, снимија претходно нуркачки сцени, како влегуваат во вода во потрага по непроценливо античко богатство, кое се крие под Преспанското езеро.
Актерите, сепак, снимија само дел од ваквите подводни сцени, а нуркачот Никола Паскали – Попе од Охрид, беше главниот дублер на Владо Јовановски, за посериозните подводни смимања. Александар Булески пак, од нуркашкото друштво беше главна техничка поддршка на полските сниматели, кои ги направија подводните кадри.