Украина повика на итен состанок со Русија и другите земји во рамки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), обвинувајќи ја Москва дека не споделува информации за големите движења на руските војници долж границата со Украина во екот на тешка криза.
Во соопштение, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба истакна дека Русија го игнорирала барањето на Киев во врска со Виенскиот документ на ОБСЕ, кој промовира мерки за транспарентност меѓу вооружените сили на нејзините 57 земји-членки, вклучително и САД.
– Го преземаме следниот чекор. Украина бара состанок со Русија и сите земји-членки на ОБСЕ во рок од 48 часа за да разговараат за засилување и движење на руските војници долж нашата граница и во окупираниот Крим, рече Кулеба.
Русија „мора да ги почитува своите обврски на полето на воената транспарентност со цел да ги намали тензиите и да ја подобри безбедноста на сите земји-учеснички“, додаде министерот.
Кремљ одби да одговори дали прифаќа руско учество на таков состанок, повторувајќи дека тоа е „движење на руските војници на руска територија“.
Извор: МИА