Шпанија и Холандија испраќаат војници и авиони во Бугарија и Литванија

Од:

Шпанија ќе испрати воени авиони и војници во Бугарија, а Холандија ќе го зголеми бројот на своите војници во Литванија,соопштија денеска министерствата за одбрана на Бугарија и Холандија. Потегот следува во услови на тензии предизвикани од руското трупање сили на границата со Украина, јави Хина.

Шпанија ќе испрати четири воени авиони и 130 војници во Бугарија, а Холандија ќе го зголеми бројот на своите војници во Литванија од досегашните 270 на 350.

Првите шпански авиони „Еурофајтер“ треба да слетаат во Бугарија кон крајот на следната недела, каде до крајот на март, во соработка со бугарското воено воздухопловство, ќе го штитат бугарскиот воздушен простор, соопшти Министерството во Софија.

„Мисијата се состои од спроведување мерки за обезбедување на безбедноста на земјите-членки на НАТО на источното крило“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Бугарија, членка на НАТО од 2004 година, има намера, во тесна соработка со Алијансата, да формира воена група до 1.000 војници под своја команда, во која ќе бидат вклучени и војници од сојузничките земји.

Холандските трупи во Литванија се дел од меѓународната борбена група на НАТО под германска команда, која е таму од 2017 година откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим.

– Посветени сме на активности за зајакнато присуство и ќе го зголемиме нашиот придонес на војниците од 270 на 350 воен персонал, соопшти денеска холандската министерка за надворешни работи Кајса Олонгрен, обраќајќи им се на војниците во воената база Рукла во Литванија.

Холандија, исто така, се очекува да испрати два од своите Ф-35 во Бугарија за воздушни патроли во април и мај.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Белоусов: Руските вооружени сили ги „згазија“ најдобрите украински единици

Горан Наумовски

Русија: Сите боеви глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта

Лавров: Западот почнува да сфаќа дека ќе остане само дел од Украина

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Медиуми: Севернокорејски генерал е ранет во неодамнешниот украински ракетен напад

Горан Наумовски