Првиот Балкански шампионат во одбојка на песок за сениори во машка и во женска конкуренција „Скопје 2013“ ќе почне денеска од 15 часот на игралиштето на Градската плажа 1 „Парк“.
Организатор е Одбојкарската федерација на Македонија, а покровител е Град Скопје. Турнирот ќе биде во знакот на сеќавање на 50 години од скопскиот земјотрес. Првенството ќе трае до сабота, а ќе го отвори градоначалникот Коце Трајановски.
Според Одбојкарската федерација на Македонија, ова ќе биде најпосетен официјален балкански шампионат во сениорска категорија. Ќе учествуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и Турција.
Во машка конкуренција ќе се натпреваруваат 13 двојки, а во женска девет. Мажите се поделени во четири групи, а во следната рунда сигурни учесници ќе бидат најдобрите од групите.
Во женска конкуренција двете првопласирани од групите ќе играат во полуфиналето.
За Македонија на Балканијадата ќе настапат: Јовица Симовски и Филип Деспотовски (ќе играат во групата Б) и Александар Милков и Влатко Трајчевски (група Д).
Во женска конкуренција за Македонија ќе играат: Власта Ружиновска и Сандра Георгиевски (група Б) и Еми Веселковска и Моника Јаневиќ (група А).
Утре според програмата мечевите почнуваат во 15:30 часот, додека на 27.јули (сабота) на програмата се полуфиналните и финалните дуели во двете конкуренции.
Македонија оваа година првпат влезе во календарот на Балканската и на Европска одбојкарска конфедерација. Од овој турнир првите натпреварувачи ќе земат и бодови за понатамошно годишно рангирање на табелата на Европската одбојкарска конфедерација.
Првпат годинава има вкупен награден фонд од 3.500 евра делба за првите три места во машка категорија и 3.500 евра во женска категорија. Од натпреварите ќе се врши директен пренос на МТВ.