Четвртото Балканско сениорско првенство во одбојка на песок, во машка и женска конкуренција „Скопје 2013“ од 25. до 27. јули ќе се одржи на Градската плажа „Парк“. Натпреварите ќе се одржуваат од 10 до 13 и од 17 до 22 часот, на двете игралиша за песок, а дополнително ќе има уште едно помошно одбојкарско игралиште.
Организатор е Одбојкарската федерација на Македонија, а покровител е Град Скопје. Овој турнир ќе биде во знакот на сеќавање на 50-години од скопскиот земјотрес.
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски на денешната прес-конференција рече дека ова ќе биде можност да се видат најдобрите балкански натпреварувачи во одбојка на песок и ги повика скопјани да присуствуваат на натпреварите.
– Во историјата на балканската одбојкарска асоцијација ова ќе биде најмногубројно посетен официјален балкански шампионат во сениорска категорија. Досега има меѓу 14 и 15 пара машки и 13 пара женски учесници. Ќе учествуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Турција, рече Зоран Карановиќ, генерален секретар на Одбојкарската федерација на Македонија.
Од Македонија ќе настапат Јовица Симовски и Филип Деспотовски, Александар Милков и Влатко Трајчевски, а од жените Власта Ружиновска и Сандра Георгиевска, а во текот на денот ќе се добие и вториот пар. Според него, фаворити се Бугарија, Србија и Турција.
Оваа година, како што рече, првпат сме влезени во календарот на Балканска и на Европска одбојкарска конфедерација. Од овој турнир првите натпреварувачи ќе земаат и бодови за понатамошно рангирање годишно на табелата на Европска одбојкарска конфедерација.
Учесниците ќе пристигнат на 24 јули и ќе бидат сместени во хотел „Континентал“. Првпат годинава има награден фонд, 3.500 евра делба за првите три места во машка категорија и 3.500 евра во женска категорија. Од натпреварите ќе се врши директен пренос на МТВ.