Британски научници: Доколку не се воведат мерки, не чека голем бран на заразени со омикрон

Од:

Доколку не се преземат дополнителни рестриктивни мерки, Велика Британија во јануари ќе се соочи со голем бран на заразени лица со новиот сој омикрон, изјавија британски научници врз основа на спроведени студии и предвидувања, објави денеска Би Би Си.

Доктор Ник Дејвис од лондонскиот Факултет за хигиена и тропска медицина (LSHTM) и еден од врвните британски истражувачи, истакна дека омикронот „се шири многу брзо“, тоа е „прилично загрижувачка варијанта“ и веројатно ќе биде доминантна форма на коронавирус во Англија до крајот на годинава.

Во извештајот на влијателна група научници кои го предвидуваат текот на настаните врз основа на математички модели, вклучително и оние кои ја советуваат британската Влада, се наведува дека во Англија моментно бројот на заразени двојно се зголемува на секои два до четири дена.

Британските експерти најавија и дека бројот на смртни случаи од последиците на оваа варијанта на коронавирус би можел да изнесува меѓу 25.000 и 75.000 до крајот на април следната година, во зависност од тоа колку ќе биде ефективна вакцината.

Но, експертите кои стојат зад истражувањето сметаат дека сè е прилично неизвесно кога станува збор за предвидување на текот на настаните.

Тие велат дека, во најлош случај, можеби ќе биде неопходно да се воведат построги ограничувања за да се спречи пренатрупаност во болниците.

– Врз основа на она што се случува сега, можеме да очекуваме голем бран на ширење на сојот омикрон во Велика Британија, изјави д-р Дејвис.

Истовремено, тој и неговите колеги веруваат дека големиот интерес на населението за засилувачка доза на вакцината против Ковид-19 веројатно ќе го ублажи влијанието на ширењето на омикронот.

Најголемата неизвесност е до кој степен имунизацијата и дополнителните дози на вакцината ќе можат да спречат хоспитализација на населението.

Според претходни студии спроведени од Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство врз основа на собраните податоци, две дози од вакцината обезбедуваат само ограничена заштита од развој на симптоми по инфекција со омикрон, но засилувачката доза ја зголемува ефикасноста на 75 проценти.

Според најоптимистичкото сценарио, бројот на хоспитализирани секојдневно треба да биде за 40 отсто помал од оној во периодот на најголемата зараза минатата зима.

Во најпесимистичкото сценарио, бројот на болнички пациенти може да биде и речиси двојно поголем.

Сепак, во извештајот се заклучува дека според „повеќето сценарија“, со сегашните мерки ќе има повеќе хоспитализирани отколку минатата зима.

Би можело да ве интересира

Научниците алармираат поради новата варијанта на Ковид-19

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

Кинески научник: Можно е пандемијата да започнала со истекување на вирусот од лабораторија

Ана Ололовска

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирус

Ана Ололовска

Шефот на СЗО: Не можеме да знаеме како настанала короната додека Кина не ги објави своите податоци

Ана Ололовска

Се појавија нови информации за потеклото на короната: СЗО бара Кина да ги објави

Катерина Ѓуровски