Ко-основачот и поранешен портпарол на страницата за споделување податоци „Пајрат Беј“, Питер Сунд работи на нова апликација за испраќање пораки на АјФон и Андорид, што на корисниците ќе им овозможи комуникација имуна на шпионирање.
Апликацијата „Хемл.ис“, што на шведски значи „тајна“, користи специјална енкрипција со цел да обезбеди гаранција дека само двете лица што разговараат имаат пристап до податоците.
– Целокупната комуникација на денешните мрежи е надгледувана од владините агенции и приватните компании. Политичарите тоа нема да го запрат, тие дури бараат повеќе. Поради тоа одлучивме да направиме платформа за пораки на која никој нема да може да шпионира, дури и ние, изјави Сунд.
Апликацијата „Хемл.ис“ ја развива Питер Сунд, еден од луѓето што стојат зад „Пајрат беј“ заедно со Линус Олсон и Лејфом Хогберг.
Станува збор за апликација за испраќање пораки што не е сложена за користење и која е случна на „WhatsApp“, со една голема разлика, користи специјална заштита така што никој не може да ја прочита пораката што се испраќа, дури и креаторите на апликацијата.
„Хемл.ис“ нема да содржи реклами, ниту пак авторите ќе продаваат податоци од корисниците. За таа цел Питер се обидува од потенцијалните корисници да собере 100.000 долари за нејзин развој. Парите ќе бидат искористени за развој на апликација за Андроид и иОС, како и за инфраструктура потребна за нејзиното работење.
Групата верува дека изворната апликација ќе биде бесплатна, но дека корисниците ќе плаќаат за активирање одредени функции. Идејата веќе привлече големо внимание на Интернет, а тимот досега собра над 18.500 долари.